КОЛКУ ЕКОНОМСКИТЕ ПРОМОТОРИ ЈА - TopicsExpress



          

КОЛКУ ЕКОНОМСКИТЕ ПРОМОТОРИ ЈА НУДАТ БИТОЛА? Ваквите податоци ги потврдува и Народна Банка, според која 130,5 милиони евра или за 42 милиона евра повеќе од лани изнесуваат странските директни инвестиции во Македонија за првите седум месеци од годинава. Ставрески потврди дека инвестициите не се само во Скопје, туку и во внатрешноста на земјава. Но каде е тука Битола? Во 2011 година извештајот на Светска Банка Дуинг Бизнис ги рангираше Скопје, Битола и Тетово меѓу најдобрите бизнис дестинации од 22 града во седум држави во Југоисточна Европа, а на листата Битола беше трета. Колку реално тоа се остварува? Со исклучок на министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак, кој се смета за клучен човек за доаѓањето на Кромберг и Шуберт во индустриската зона Жабени, досега ниту еден друг министер од истиот ресор, или пак македонските промотори во странство, не донеле директна инвестиција во оваа зона, или пак во самиот град. Ако се земе дека земјава има тројца министри задолжени за странски инвестиции, Агенција за странски инвестиции, Дирекција за развојни зони и околу триесетина промотори во странство, тогаш кој од нив досега лобирал или излобирал доаѓање на некоја голема развојна компанија во индустриската зона Жабени? На веб страницата на Агенција за странски инвестиции и промоција на извоз Invest Macedonia не постојат информации за индустриската зона Жабени. Во досегашните десетици роуд шоуа, на патот од Кина до САД, преку Бразил, Естонија и Азербејџан, никаде по враќањето на владините делегации не се споменало дека некој е заинтересиран да инвестира во Жабени, ниту пак во Битола. Земајќи ги во предвид бројките на индустриските зони, на развојните и технолошки зони во земјава, наспроти бројот на лица задолжени за странски инвестиции, зарем ниту еден не успеал да го заинтригира странскиот партнер да инвестира во Битола? Ако се земат во предвид и бројот на години во кои постојат овие промотори и министри задолжени за странски инвестиции, а ние ја имаме само Кромберг и Шуберт, тогаш, повторно се поставува прашањето дали Битола намерно е економски изолирана? Колку од промоторите успеале да ги убедат инвеститорите дека локалната власт нуди привлечни мерки со ниски даноци, ослободување од одредени такси и ниски цени на земјиштето да дојдат и да отворат свои фабрики во оваа индустриска зона? Од друга страна, Битола ја нема поддршката за подобрување на патната инфраструктура, која е пресудна за доаѓање на нови инвеститори, иако, локациски, се наоѓа во непосредна близина на земја членка на Унијата која има пристаниште. Од друга страна ја има Пелагонија, има други предуслови кои можат со оваа локација да дадат големи благодети во развојот не само на индустриските гранки, туку и на полето на земјоделството, сточарството итн. Зарем не може Жабени да биде нова силиконска долина во која бројни умови, кои излегуваат непосредно од нашите факултети во градот и околината ќе можат, наместо да заминуваат во Скопје или надвор од земјата, да работат и егзистираат во своето место на живеење со пристојни плати? За туризмот да не зборуваме. Но, некој треба да понуди, да знае да ги посочи сите предности и да лобира. Да знае да го препознае партнерот и неговиот интерес. Ако на сето ова го додадеме и фактот дека битолскиот крај е најпечалбарски, тогаш е уште поголема дилемата зошто никој не успеал да обезбеди инвеститори од земјите со најголем број иселеници од овој регион. Во очекување наскоро од некое ново роуд шоу на Владата или пак од промоторите да добиеме голем странски инвеститор во Жабени, можеби и во Битола, ќе стискаме палци да има кој да остане и да работи во новоотворената фабрика, затоа што покрај инвестиции, наскоро ќе ни бидат потребни промотори за враќање на иселените млади сограѓани.
Posted on: Sun, 03 Nov 2013 00:08:54 +0000

Recently Viewed Topics




© 2015